Новиот Клинички ќе се гради по идејно решение добиено на конкурс

До крајот на неделата ќе се знае дали државата ќе плати пенали на Банката при Советот на Европа од 5,5 милиони евра бидејќи пропадна договорот новиот Клинички центар да биде на истата локација.

Министерот за здравство се уште преговара со претставници на банката за да избегнат одлевање на пари од државниот буџет. Архитектонскиот факултет преку јавен конкурс ќе го бара идејното решение за новиот медицински комплекс, кој со одлука на Владата ќе биде во населбата Бардовци на локација во близина на психијатриската болница. Пред да бидат удрени темелите надлежните ќе мора да ги решат имотно правните односи бидејќи дел од земјиштето е во приватна сопственост.

- Владата го задолжи Министерството за транспорт и врски, соодветните институции и општина Карпош да извршат измени во урбанистичките, катастарските и други планско урбанистичко – проектни документи за 2018 година, изјави Миле Бошњаковски, порпарол на Влада.

Од неодамна, кабинетот на министерот за здравство е поброен со уште еден член, кој по професија е архитект. Филипче вели дека го преземал од Министерството за транспорт и врски, а главниот фокус ќе му биде изградбата на новиот клинички центар.

Според првичните најави, изградбата ќе трае најмалку 7 години и ќе чини околу 420 милиони евра. Покрај клиниките во комплексот е предвидено да бидат и медицинскиот факултет како и кампус за студенти по медицина и истражувачки центар.