Новиот клинички центар ќе биде на 10 километри од центарот на Скопје

На десетина километри оддалеченост од центарот на Скопје и повеќе од 20 минути возење со автомобил со 60 км на час се наоѓа месноста Веле Поле во Општина Ѓорче Петров, локација за која Владата донесе одлука да се гради новиот клинички центар. Локацијата е околу 200 метри по влезот на обиколницата од десна страна на автопатот за Велес и Приштина.

Парцелата се простира на површина од 90 хектари со 256 парцели и е во доминантна сопственост на државата Македонија. Сега зоната каде што ќе се гради клинички е во процес на пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно, велат од Општината. За пристап од обиколницата ќе се прави клучка и пат кој ќе води до новиот клинички центар.

„Локацијата се наоѓа во западниот дел на градот, близу Вардар и Лепенец, во еколошки чиста средина. Поволната местоположба до обиколницата, каде што е предвидена и клучка, ќе нуди брза и едноставна конекција со соседните земји, а тоа ќе придонесе и за развој на медицински туризам. Периферноста на медицинскиот комплекс ќе овозможи лесна поврзаност и со истокот и со западот. Придобивките од изградбата на клинички ќе ги почувствуваат сите жители, но од економски аспект најголем бенефит ќе има локалното население. Државната инвестиција во јавното здравство ќе отвори нови работни места, јакнење на економијата, намалување на невработеноста, отворање мали бизниси“, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски.

За изградбата на новиот клинички центар надлежните допрва ќе бараат начин за кредитирање, а според физибилити-студијата проценетата вредност за изградба на објектот е меѓу 430 и 480 милиони евра. Според плановите во клиничкиот центар ќе се дава интегриран тип здравствени услуги во најкратко можно време. На истата локација ќе бидат сместени и Медицинскиот факултет, соодветен истражувачки центар и кампус за студенти по медицина.

Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека до крајот на годината очекува да бидат поставени темелите, а клинички да биде готов за четири до пет години.

„Методологијата покажа дека Веле Поле е најдобрата локација, а опфаќаше повеќе работи како урбанизам, транспорт, струја, вода. Сите аспекти беа разгледани, а најбитен беше аргументот за колку време ќе биде готов и колку ќе чини. Злокуќани чинеше уште пред да почнеме со градба. Само експропријацијата на земјиштето ќе чинеше околу 100 милиони евра, што сметам дека е неприфатливо. Овде станува збор за чисто државно земјиште. Се надевам дека во следниов период од неколку недели ќе имаме поточна информација од каде ќе се финансира изградбата. Сега бараме начин за кредитирање за изградба на болницата, заедно со Министерството за финансии и со претставници на странски банки, а веднаш потоа ќе биде распишан тендер за избор на изведувач. Мислам дека оваа инвестиција  во здравството ќе биде трајно решение“, рече Филипче.

Инаку, во изминатиов период во Министерството за здравство беше формирана мултисекторска група, која ги спореди локациите во Ѓорче Петров, Злокуќани и Петровец, кои стигнаа како иницијативи за локација на новиот клинички центар.

Фото: Независен Весник

new nike air max 2019