Новиот дигитален мамограф во поликлиниката Букурешт е во дефект, а во останатите поликлиники слободен термин за снимање нема до крајот на годината, пишува СДК.

Според податоците од електронскиот систем за закажување МојТермин, слободни термини нема ниту во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“, ниту во Градската општа болница. Овој месец слободни термини има само на Клиниката на радиологија.

Директорот на Здравствен дом Скопје Злате Махмедовиќ вели дека мамографот е во дефект веќе две недели и дека чекаат сервисерот да го отстрани дефектот.

„Апаратот е нов, но настана дефект и ќе биде сервисиран. Во останатите поликлиники мамографите работат, а во поликлиниката Чаир имаме нов дигитален апарат“, вели Мехмедовиќ.

Тој вели дека сè уште чекаат одобрение за вработување на нов кадар, меѓу кои и рентгенолози кои во Здравствен дом Скопје се дефицитарни.