Новиот датум во календарот не носи промени

Новиот датум во календарот не носи промени. Промени носат одлуките кои ние ги носиме за да промениме нешто. И не треба да трошиме време мислејќи дека новата година ќе промени нешто или дека следниот понеделник или следниот месец ќе донесат нешто подобро. Затоа што нема да го направат тоа освен ако ние не одлучиме дека ќе биде така и дека ќе донесеме промена. Додека чекаме нешто однадвор да се промени, тоа значи дека сме жртва на околностите и никогаш нема да имаме мир. Затоа што таму надвор постојано нешто се случува и работите нема секогаш да ни бидат по мерка.

Затоа свртете се кон себе, кој својата душа. И тука започнете ги промените. Тоа е најдобрата работа која можете да ја направите. Затоа што со себе-исцелувањето, го исцелувате и целиот свет околу вас, затоа што сите сме едно. И со тој поглед на светот можете да направите и нешто добро во околностите кои до неодамна ви делувале неповолно. Тоа е магијата на промените. Истата работа да ја видите на поинаков начин. И од таа позиција да донесете одлука за поинаков чекор кој ќе донесе поинакви резултати. 

Во секој случај, подобро е чувството кога ќе ги земете работите во свои раце и да бидете двигател наместо пасивно да чекате среќата да ве пронајде. Некој мудар одамна рекол дека среќата ги следи храбрите. 

Затоа не дозволувајте да помине уште една недела, месец, година, пред да се осмелите да бидете храбри. Променете го погледот. Осмелете се да зачекорите во друг правец. И променете го своето патување. Истрајно движете се, знаејќи дека го следите својот пат, дури и кога работите не се лесни. Не туѓиот и наметнат пат. Туку својот. 

Затоа прифатете ги сегашните околности какви и да се и тие нека бидат почетна точка за вашето ново јас. Извадете го совршеното од совршено несовршените околности. Баш такви какви што еднаш одамна сте ги избрале од некое повисоко место на ова чудесно патување наречено Живот. 

~ Ива Брадариќ