Новиот бугарски клуб во Охрид ги разгоре страстите - Ќе биде ли и тој мета на вандализам?

Во пресрет на отворањето на новиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, кој треба да биде отворен во петок точно напладне, политичката партија Левица повика на протест во Охрид на истиот ден, со цел, како што велат, зачувување на достоинството на македонската нација. 

Од партијата потенцираат дека здружението-основач го одреди датумот на отворање на само четири дена пред Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор во Македонија и државен празник 11 Октомври.

-На 7 октомври (петок) со почеток од 11:30 часот на улица „Македонски Просветители“, пред ТЦ Амам – Охрид, да се мобилизираме и да го искажеме нашиот антифашистички порив. Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис III“, Левица – Охрид ја повикува целокупната здраворазмуна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза! Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата!“, повикува Левица.

Отворањето на центарот „Цар Борис Трети“ е закажано за 7-ми октомври во Охрид, а како специјален гостин е најавен бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски, кој го финансирал клубот.

Во јуни годинава, културниот центар „Ванчо Михаилов“ во Битола беше опожарен, а сторител на делото е познатиот пејач Ламбе Алабаковски кој доби 6-месечна казна.  

Откако се разгорија страстите во македонската јавност, се почесто се поставува прашањето дали и овој нов бугарски клуб ќе доживее слична судбина како тој во Битола?