Новинарот Салиу за тврдењата на Заев дека модуларните болници се безбедни: Епа не се Премиере!

Новинарот Фуркан Салиу од ТВ Клан, во објава на својот фејсбук профил, ги демантираше тврдењата на премиерот Заев дека модуларните болници ширум земјава се безбедни. 

-Како е можно Премиерот да ги каже овие зборови? Едноставно моќта, власта не е за балканци. Втор мандат на балканец не му се дава. Ако Премиерот навистина сака да не се злоупотреби овој настан за политички цели, нека ги прифати оставките. Нека овозможи независна истрага без притисок од лица кои се потпишани во тие документи и кои ќе направат се за да си ја спасат својата кожа. Ако барањето одговорност од опозицијата е само за политички поени, тогаш зошто додека трае истрагата Премиерот и сите од неговата Владата тврдат дека модуларните се сигурни и дека се изградени според сите стандарди, вели Салиу споделувајќи видео од неодамнешен говор на Заев. 

Во својот став новинарот вели „Епа не се Премиере!“, алудирајки на безбедноста и ги потенцира следниве точки во прилог на тоа дека болниците, сепак, не се безбедни: 

- Објектот во Тетово нема дозвола за градба и е илегален.

- Струјата е приклучена на диво од зградата на Тетовската болница.

- Цевките за кислород се оставени на отворено, надвор од сите стандарди и едно мало дете може да ги оштети.

- Во техничката спецификација на тендерот се зборува само за енергетска ефикасност, нема ниту едно зборче за противпожарен систем. На пример, НАТО стандардите за модуларните објекти се јавно достапни, документот за техничката спецификација содржи 7 страни и преку 100 точки.

- Лицата кои биле вработени во Министерството за здравство, а во исто време работеле на изготвување на документацијата за изградба на модуларната болница, незаконски биле платени со хонорари од по 90 000 денари.

- Пет дена пред да изгори објектот, немаше ниту еден противпожарен апарат.

- Противпожарните апарати во објектот на Тетовската болница се неисправни, документот кој го потврдува тоа сеуште стои закачен на нив.

- Ако објектот беше изграден според сите стандарди, немаше да изгори за 3 минути. За јавни установи, според Законот за градење во случај на пожар објектот треба да издржи најмалку 30 минути. ИТН!  - констатира Салиу.