Нови згради кај Расадник, жителите не даваат - ќе бранат со жив штит

Просторот од спортската сала „Расадник“ во скопската населба Кисела Вода нема уште долго да биде празен. Општинските власти планираат да го узурпираат и тоа последно слободно парче во и онака натрупаниот реон за да се изградат нови згради, jaвува Независен.

Ваквите неофицијални информации што кружат низ населбата ги запалија страстите меѓу жителите кои најавуваат дека со жив штит ќе го бранат единствениот простор во тој реон што не е сардисан од бетонски зданија.

- Населбата е преполна со згради, никнуваат на секој агол, на тротоари, нема места за паркирање, нема воздух каде да циркулира, насекаде градежна механизација, кал, прашина, ѓубре… Во расадникот изникна нова населба, изградена се десетина згради, тамам сопре работата – сега слушаме за ова. Свесни ли се дека ќе дојде до ново уништување на зеленилото, дополнително загадување и уште поголем сообраќаен хаос?“, коментираат жителите на Кисела Вода.

Тие забележуваат дека постапката за промена на ДУП била извршена нетранспарентно, без никаде да бидат известени граѓаните, односно без известување во влезовите или каква било информација и покана за учество во јавната дебата.