Нови водомери за автоматско читање во Жданец и во Трнодол

На дел од територијата на општината Карпош од денеска ќе започне замена на старите водомери со нови, кои во иднина ќе овозможат автоматско читање на потрошената вода кај домаќинствата.

Замената ќе започне од населбите Жданец и во Трнодол, а тамошните жители во иднина ќе добиваат и поточни сметки. Проектот опфаќа околу 500 домаќинства, а за него преку Министерството за транспорт и врски е добиен грант од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

– Старите водомери ќе се заменат со нови, вертикални и повеќемлазни, со радиомодул, а ќе се заменат и старите, хоризонтални водомери со нови, хоризонтални, ултразвучни водомери и нивна интеграција во системот за далечинско отчитување на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Со новите водомери, податоците ќе се читаат автоматски, без обврска инкасаторите да влегуваат во домаќинствата на граѓаните. Исто така, водомерите се многу попрецизни од досегашните, кои се застарени и не го читаат протокот на вода толку прецизно. На овој начин, ќе се овозможат поточни сметки за потрошувачката на вода и граѓаните ќе добиваат поквалитетна услуга – информираат од општината Карпош.