Нови улици во општина Аеродром

Општина Аеродром ја почна градежната сезона со изградба на нова инфраструктура во повеќе населби.

Општината со сопствени средства изгради нова улица 8 во Горно Лисиче кај новите згради во должина од 170 метри и широчина од 7 метри, која има тротоари од двете страни од по два метри и соодветно јавно осветлување.

Новата улица, која има и нов паркинг со широчина од 6 метри и капацитет од 30-тина возила, ќе ја користат жителите на новите згради во овој дел од општината, како и на околните куќи.

Инвестицијата е вредна околу 7 милиони денари.

Инаку, претходно општина Аеродром на оваа улица изгради комплетна фекална и атмосферска канализација и водоводна мрежа, на која се приклучија новите згради.

Исто така, деновиве ќе почне и реконструкција на улицата „Гаврил Константиновиќ“ во населбата Лисиче, која е всушност, продолжение на булеварот „12-та Македонска бригада“, во должина од околу 150 метри и широчина од 6 метри со тротоари од двете страни на улицата од по 2 метри.

Освен тоа, наскоро ќе почне да се асфалтира и улицата „Ѓорѓи Капчев“ во Горно Лисиче, на која неодамна и беше сменета целосната водоводна инфраструктура. Улицата ќе биде асфалтирана во должина од околу 1,5 километар.

И конечно, деновиве се очекува да почне поставување сообраќајна хоризонтална и вертикална сигнализација на повеќе улици во населбата Лисиче и Горно Лисиче, меѓу кои улиците „Горно Лисиче“, „Тодор Чангов“, Ѓорѓи Андреевиќ – Кун“…