Нови шопинг-центри во Аеродром, Ѓорче и Гази баба

Големите трговски центри кои последниве години почнаа да се градат во Скопје наметнаа нов потрошувачки тренд кај граѓаните, кои сè повеќе одат да купуваат таму отколку во строгиот центар на градот, кој порано важеше за главна шопинг-зона.

Шопинг-центрите се полни, а познавачите на пазарот на недвижности коментираат дека им го земаат лебот на дуќанџиите од центарот, чии локали сè почесто можеме да ги видиме празни и со натпис: „Дуќанот се издава“.

Закупнините на малопродажниот простор во главниот град бележат намалување изминативе неколку години, иако премиум локациите се уште држат цена. Метар квадратен на премиум локација во трговските центри чини речиси 40 евра, во центрите во населбите достигнува 17 евра, додека на главните пешачки зони изнесува 34 евра.

За да го задржат сегашното ниво на цени, старите трговски центри ќе треба да направат подобра прераспределба на просторот кој го изнајмуваат. Дотогаш ГТЦ ќе остане локација со најголем празен простор од 30% од вкупната површина за закупување. Слична е состојбата и во Буњаковец каде една третина од објектите зјаат празни, следат Беверли Хилс и СП Планет со над 30%.

И покрај големиот број на трговски центри во Скопје, консултантите велат дека постојат услови нивниот број и натаму да расте. Нов малопродажен простор нема да биде понуден до крајот на следната година за кога е најавено отворањето на трговскиот центар Џевахир Мол во населбата Аеродром и Емпорио Мол во Ѓорче Петров.

Воедно, во најава е изгрдба на нов атрактивен комплекс кој ќе биде лоциран на само 1,5 км од центарот на Скопје, во општина Гази баба, на раскрсница на две главни сообраќајници, долж просторот помеѓу булеварот Александар Велики и улица Беласица.

Вкупната инвестиција во период од 5-7 години се планира да изнесува повеќе од 300 милиони евра, создавајќи илјадници нови работни места и можности.

Прво ќе се изгради трговскиот центар, а станбениот комплекс и канцеларискиот парк ќе бидат изградени во текот на следните 5-7 години на местото на Скопски Саем.Со ‘’Скопје Ист Гејт” Скопје добива нов лик, а граѓаните од источниот дел од градот добиваат услови за многу поквалитетен живот, по терк на развиените европски градови.