Нови садници и финансиска помош за замена на старите системи за греење во општина Аеродром

Јавните зелени површини на територија на населба Лисиче во Општина Аеродром во изминатиот период беа разубавени со 178 разнолики садници, додека пак 129 домаќинства во Лисиче беа финансиски помогнати за да ги заменат своите стари системи за греење со нови модерни и енергетско-ефикасни, информираа од општина Аеродром. 

Дополнително, согласно со препораките и потребите, кај некои од овие домаќинства беше интервенирано со помош и акции за замена на стари врати, прозорци, фасади и кровна изолација.

Оваа активност беше поддржана од Општина Аеродром и е дел од проектот за Справување со загадувањето на воздухот во Скопје, финансиран од Шведска, спроведен од Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP MK) во партнерство со МЖСПП и Град Скопје, информираа надлежните. 

 Садењето на дрвјата се спроведе на пет локации:

- Градинка Пчелка 2 (18 дрвја)

- Градинка Сонце (27 дрвја)

- ОУ „Димитар Македонски“ (63 дрвја)

- Детска улица „Тоше Проески“ (40 дрвја)

- Парк „Бановина“ (30 дрвја).