Нови предлог-мерки за заштита од Ковид-19, откако бројот на новозаболени стана загрижувачки

Поради високата стапка на новозаболени од Ковид-19, Комисијата за заразни болести вчера донесе нови предлог-мерки со кои се забранува организирање на настани, се скратува работното време на сите економски субјекти до 23 часот, и до 50 отсто да е исполнет капацитетот во јавниот превоз. Надлежните уверуваат дека постојат механизми за справување со вирусот, но во никој случај нема да се носат одлуки кои ќе и наштетат на економијата.

За воведување на полициски час засега не се размислува, но во идниот период сите мерки стојат на располагање.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера изјави дека очекува новите предлог-мерки да ги разгледува Владата во понеделник, а за претходните предлог-мерки пак, потребни се одредени законски измени.

-Согласно важечките уредби со законска сила, потребно е да се направат законски измени за претходните мерки. Законот е веќе во собраниска процедура и очекуваат следната недела да се изгласаат претходните предложени мерки како задолжително носење маски на отворено, забрана за групирање по 22:00 часот и забраната за домашни посети, изјави Филипче, со цел како што додаде, инспекторите и МВР да можат да постапуваат во однос на контрола и преземање санкции.

Министерот се надева дека со овие предлог мерки ќе се намали ризикот од трансмисија на вирусот, иако како што рече, сериозен процент од новозаразените не можат или не знаат да кажат каде се заразиле.

Во однос на високиот број на новозаразени, надлежните сметаат дека и во регионот и во Европа се зголемува бројот на новодијагностицирани случаи, и е нешто што се очекувало согласно есенскиот бран.

Сепак во моментов не се размислува за воведување на полициски час. Епидемиолошки пак, постои таа идеја, доколку сите други можности бидат исцрпени.

Во ниту една Европска дружава нема полициски час, освен во Франција, посочи вчера претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, кој нагласи дека и во следните денови ќе се следи бројот на позитивни случаи со цел да бидат предложени нови мерки.