Нови правила за достава на стока во Скопје

Доставувачите на стока, т.н. дистрибутери, на територијата на главниот град ќе треба да се однесуваат според новодонесената одлука за организирање и дефинирање на условите за достава на стока што ги донесе градот, пишува „Нова Македонија“.

Станува збор за утврдени правила за истовар и товар на јавните површини, начинот и времето на вршење достава, како и органите што го одобруваат времето на движење, запирање и паркирање на возилата за истоварање и товарање стока и надзор за спроведувањето на оваа одлука.

Граѓаните честопати се жалеа дека возачите на камиони и комбиња се однесуваат несоодветно. За да стигнат до продавницата или маркетот каде што треба да достават стока се искачуваат на пешачки тротоари, блокираат улици и велосипедски патеки.

Меѓутоа и со новата одлука им е дозволено да вршат достава на тротоар или друга јавна површина, доколку остави простор за безбедно одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај од најмалку 2,5 метри.

Кога станува збор за временскиот период за достава, според одлуката, возилата за достава може да запираат и паркираат додека трае процесот на истоварање и товарање, но не подолго од 15 минути. Во потесното градско подрачје возилата можат да истовараат и товарат секој ден од девет до 14 часот и од 18 до седум часот. Во поширокото градско подрачје, пак, возилата можат да доставуваат стока секој ден од девет до 16  часот и од 18 до седум часот. Дополнително, на пешачките површини како што е улицата Македонија до плоштадот „Македонија“ возилата за доставување стока можат да товарат и истовараат секој ден од пет до десет часот. На улиците, пак, по кои се одвива јавен градски превоз, како улицата Партизански одреди, може да се доставува стока секој ден од 20 до седум часот наутро.

Одобрението за достава на стока го издава градската власт, и тоа важи најмногу една година. Додека надзорот за спроведување на оваа одлука го врши Инспекторат на градот Скопје.