Нови правила од 1 октомври во ЕУ: Велосипедистите добиваат поголема заштита, возачите повеќе обврски

Од 1 октомври 2026 година, според објава што се споделува на социјалните мрежи, во Хрватска и во дел од земјите на Европската Унија се воведуваат построги правила со цел поголема заштита на велосипедистите во сообраќајот.

Меѓу најзначајните промени е обврската возачите при претекнување велосипедист на меѓуградски пат да ја намалат брзината за најмалку 20 километри на час под дозволеното ограничување. Така, на пат каде што ограничувањето е 90 km/h, претекнувањето би требало да се изврши со најмногу 70 km/h.

Се задржува и минималното странично растојание од 1,5 метар при претекнување, додека на патишта со две или повеќе ленти во иста насока возачот ќе треба целосно да премине во соседната лента.

Во населени места, според истата објава, возачите ќе треба да остават најмалку пет метри растојание зад велосипедист кој се движи пред нив во истата лента.

Поголеми права се предвидуваат и за самите велосипедисти. Во урбани средини тие ќе можат да се движат по средината на сообраќајната лента, наместо задолжително да возат непосредно покрај работ на коловозот.

Предвидена е и дополнителна предност за велосипедистите на означени велосипедски премини, при ситуации кога возило врти и ја пресекува нивната патека, како и за групи велосипедисти кои веќе влегле во крстосница или кружен тек.

Локалните власти, пак, ќе можат да дозволат одредени еднонасочни улици да станат двонасочни за велосипеди, доколку станува збор за улици со една лента и ограничување на брзината до 30 km/h, со задолжителна соодветна сигнализација.

За потешки прекршувања, според објавените информации, се предвидуваат казни до 200 евра и губење до шест возачки бодови.

Дел од мерките, како страничното растојание од 1,5 метар при претекнување, постоеле и претходно, додека како главни новини се издвојуваат намалувањето на брзината при претекнување и задолжителното растојание од пет метри зад велосипедист во населено место.

Ваквите правила ја отвораат и дилемата дали слични мерки треба да се воведат и во Македонија, особено во услови на сè поголем број велосипедисти на градските улици и патишта.

Дали законски утврдено минимално растојание, помала брзина при претекнување и поголема предност за велосипедистите би придонеле за побезбеден сообраќај и кај нас?