Нови правила: Кафеанџиите ќе мора да ги запишат алергените во мени

Угостителските објекти ќе мора да обележат во менијата доколку во храната што ја продаваат и послужуваат има алергени. Оваа обврска се воведува од 13 мај, кога стапуваат во сила новите правила за декларирање од Правилникот за означување на храната, а кои се усогласени со европските стандарди. Казните за непочитување на новите правила се движат до 10.000 евра и повлекување на целата палета производи што не се декларирани според пропишаните услови. 

Oд Агенцијата за храна и ветеринарство објаснуваат дека угостителите сами треба да си го изберат начинот на кој ќе ги информираат потрошувачите за алергени во храната. Тие може да ги запишат алергените во мени или на табла. Исто така може да внесат порака или да обележат на табла за потсетување потрошувачот да праша дали има алергени и кои, а потоа персоналот да даде одговор. Но во тој случај персоналот треба да биде едуциран за да може да објасни. 

Ова правило ќе треба да се применува и на претходно спакувана храна наменета за директна продажба, како на пример онаа во продавници за деликатеси, пекарници, сендвич-барови, места за храна за носење, објекти за грижа на деца и здравствени објекти, центри за притвор, сервиси за испорака и добротворни институции, каде што храната е бесплатна. 

Од средината на мај нови правила важат и за спакуваната храна што се продава. Агенцијата за храна определи дека информации што треба да бидат означени со зборови и со броеви се: името на храната, список на состојки, секоја состојка во храната што може да предизвика алергиска реакција кај луѓето (со здебелени букви), количество состојки, нето-количество храна, рок на употреба, посебни услови за складирање, име и адреса на операторите со храна, земја на потекло, упатство за употреба. 

Минималната големина на буквите треба да биде 1,2 милиметар, за да бидат видливи за потрошувачите што ќе се информираат за производот што сакаат да го купат. Треба да биде наведена и јачината на алкохол по волумен (доколку содржи повеќе од 1,2 отсто алкохол). Од 13 декември 2016 година ќе треба и да се означат нутритивните својства на храната. 

Инаку, примената на правилникот требаше да почне пред шест месеци, во ноември лани, но стопанствениците ја известија агенцијата дека ќе трпат штети поради големите количества амбалажа што ја имаат како резерва, а не можат да ја искористат.