Нови облакодери кај Скопски саем, Карпош и Ново Лисиче?

Според Деталниот урбанистички план облакодер од 28 ката се предвиден во во Карпош на булеварот “Партизански одреди” позади бензинската пумпа на “Макпетрол”. Изградба на хотел од 105 метри и зграда за колективно домување со височина од 80 метри се планирани да се градат во рамките на парцелата на поранешната фабрика “Алумина”.

Токму против споменатите детални урбанистички планови, кои предвидуваа сеча на дрвја и уништување на зелени површини и паркчиња во Карпош 3, Карпош 4 и Тафталиџе, пред две години протестираа граѓаните од Карпош. Тие бараа укинување на донесените планови и ставање крај на урбаната мафија во Карпош. Нивната двегодишна борба заврши пред Уставен суд, кој е надлежен за укинување на веќе донесените ДУП-ови.  Се чека неговата одлука.

Воедно четиринаесеткатница е предвидена да се изгради кај Скопски саем и дванаесеткатница во Ново Лисиче карши паркот со авиончето.

По неколку години мирување, идејата за изградба на облакодери на паркинг просторот спроти хотелот „Холидеј Ин“ повторно се актуелизира.

Турскиот инвеститор „Окан Јатарм“ сака да гради седум висококатници на оваа атрактивна локација во строгиот центар на Скопје. За реализација на овој крупен проект, неопходни се измени во Деталниот урбанистички план „Голем ринг – Исток“.

Самото градежно земјиште се наоѓа во мешовита сопственост, дел од парцелите се во државна сопственост, додека преостанатите локации ги поседуваат приватни лица. Од друга страна, идејата на турскиот инвеститор не завршува тука, па така тој би сакал да добие во своја сопственост и дел од земјиштето во Ново маало.

Општина Центар се изјасни дека нема детални податоци за намерите на компанијата од Турција, ниту пак за барањето измените во урбанистичките планови да се постават на следната седница на Советот на општина Центар. Дел од приватните сопственици на земјиштето бараат повеќе информации за целокупната постапка која се одвива далеку од очите на јавноста.

 Во рамките на урбанистичкиот план „Голем ринг – Исток“ стои атрактивно градежно земјиште со спектакуларни 600.000 метри квадратни на вкупна изградена површина, поделена на три парцели на кои е зацртано да се градат 60-катни објекти за колективно домување, како и објекти за комерцијални и деловни дејности. Паркирањето би било решено со вкупно 6.330 паркинг места.