Нови летови за повеќе странски туристи

Годинава се очекува значителен раст на бројот на странски туристи во Охрид. Освен традиционалните посетители од соседството, во прв ред Турците, Србите, Бугарите и Грците, се очекуваат и нови туристи од Холандија, Белгија, Полска, Израел.

Освен редовните авионски линии од Охрид за Базел, Цирих и Лондон, како и чартер – летовите од Холандија, Белград, Брисел и Тел Авив, од 22 јуни почнуваат и чартерите од Катовице во Полска.

„Еднаш неделно, 200 полски туристи ќе доаѓаат на Охридското езеро благодарение на договорот што го потпишавме со еден од најголемите полски тур-оператори" – објаснува генералниот директор на „ТАВ Македонија", Алпер Ерсој.

Пресметките на „ТАВ Македонија" за летната сезона 2017 година покажуваат дека на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле" треба да пристигнат 2 илјади патници од Брисел со „Томас Кук", 2.300 патници од Белград со „Ер Србија", 2.600 патници од Тел Авив со „Аркиа".

„Ние веруваме дека Македонија, со сите нејзини природни богатства, историја, гастрономија и прекрасни луѓе, за кратко време ќе стане една од бараните дестинации за одмор на Израелците" – вели Анат Ахаром од „Аркиа Интернешнал".

Дополнително, годинава се очекуваат 183 авиони од Амстердам преку „Корендон" и „ТУИ" со речиси 30 илјади холандски туристи.

„Во 2009 година на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле" имавме 36 илјади патници за цела година. Оваа година во текот на летото на охридскиот аеродром ќе имаме 30 илјади патници само од Амстердам" – вели директорот Ерсој.

„За очекување е трендот на пораст на бројот на гости и на воздухопловни операции да продолжи да се зголемува од година во година" – вели градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Домашните туристички работници веруваат дека со надминување на политичката криза, како и со продолжувањето на добрите политики за привлекување странски туристи, во земјава може да се очекува значително зголемување на бројот на посетители.

„Ние мислиме дека во наредните 5 до 6 години можеме да стигнеме до 4 или 5 милиони странски гости во Македонија ако се продолжи со оваа динамика на развојот на туризмот, со организирање на евтините летови, потоа ако се продолжи со субвенциите за промовирање нови дестинации, нови туристички гости да се носат во Република Македонија" – вели првиот човек на туристичко – угостителската комора при ССК, Аркан Керим.