Нови измени во Законот - еве како ќе се продаваат цигарите

На пазарот веќе нема да се продаваат пакувањата на цигари кои немаат форма на квадар, кои содржат помалку од 20 цигари и кои содржат ознаки, зборови или изрази што упатуваат или сугерираат на тоа дека тој вид на производ е помалку штетен. 

Со новиот Закон за тутун се предвидува единечното пакување на цигари да содржи најмалку 20 цигари за разлика од досега кога поголем дел од цигарите кои се продаваа на пазарот имаа по 19 цигари во кутиите. Освен тутунските производи ќе се регулира прометот и на сродните производи на тутун како што се електронските цигари и несогорливиот тутун за пушење.

Исто така, не смее да се продаваат цигари кои содржат ознаки, зборови или изрази што упатуваат или сугерираат на тоа дека тој вид на производ е помалку штетен. Така на пример на пазарот веќе нема да се продаваат цигари на чии кутии стојат ознаките лајт, ултра, односно малку катран, лесен, благ, ултра лесен и слично.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека освен тутунските производи за прв пат ќе се регулираат и сродните производи на тутун како што се електронските цигари и несогорливиот тутун за пушење кои се појавија на пазарот во ЕУ и кај нас.

Новиот Законот за тутун е во согласност со Директивата 40/2014 и првпат ќе го регулира прометот со електронските цигари и несогорливиот тутун за пушење. Со негова примена се очекува поголема и посуштинска контрола на состојките и адитивите во цигарите, како и да се намали достапноста до цигарите, особено за младата популација. Република Македонија со ова ќе биде првата земја во Југоисточна Европа која ќе ги регулира овие производи, а во склад со најдобрите примери од ЕУ.

– Се забранува пуштање во промет на пакувањата на цигари кои немаат форма на квадар, кои содржат помалку од 20 цигари, со исклучок на пакувањата на цигари кои се наменети за извоз, стои во нацрт-законот.

Според одредбите, единечното пакување на цигари се состои од картон или мек материјал и не треба да има отвор кој ќе може повторно да се затвори или повторно да се залепи откако е еднаш отворено, освен капакот со преклоп (флип-топ) и капаците со преклопување.

Остануваат одредбите дека на кутијата јасно треба да е наведено за каков производ станува збор, и колку содржи катран, никотин и јаглероден моноксид. Ако тоа не е наведено производот не смее да биде пуштен во продажба.