Нови градинки, училишта, паркови и сообраќајници во Аеродром, Муцунски ги најави приоритетите за 2023 година

Продолжување на реализацијата на отпочнатите проекти од минатата година и почетокот на стотици нови развојни проекти креирани според барањата на граѓаните, најави градоначалникот Тимчо Муцунски на денешниот настан кој се организира втора година по ред, а во чии рамки беа презентирани реализираните проекти за 2022 година и најважните приоритетите за следната 2023 година.

Изградба на нови градинки, капитални и зелени проекти, училишта, паркови и сообраќајници, инвестиции во спортот, субвенции за ранливите категории граѓани се само дел од проектите кои ги најави Муцунски во своето обраќање.

„Хуманата урбанизацијата преку бришење на маркици за згради и нивно пренаменување во зелени површини и површини поврзани со едукација, кратење на непродуктивните трошоци, создавање на транспарентна општина која е сервис на граѓаните, проекти за младите и враќањето на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје во АБА1 лигата“, се помеѓу најважните проекти кои ги истакна Муцунски во своето обраќање.

Тој потенцираше дека Општина Аеродром започна со реализација на низа проекти поврзани со животната средина и енергетската ефикасност, а вчера во општината се отвори и новата детска градинка „Црвенкапа“ со капацитет од 200 дечиња. Во минатата година општината за првпат започнала инвестиции во енергетски проекти во основните училишта и активности за рационално трошење на електричната енергија.

Градоначалникот Муцунски ја нагласи и поддршката за МЗТ Скопје и РК Вардар, проектите кои се реализирани за младите во 2022 година, а притоа како најважни ги потенцираше изградбата на новиот велодром, новите детски и спортски игралишта и заложбата на општината да има вакви објекти во секое населено место.

Инфраструктурните проекти, како изградбата на нови улици, тротоари и плоштади започнаа во 2022 година, а нивната реализација продолжува и во 2023 година.

За следната година Муцунски ја најави изградбата на новиот плоштад зад „Капитол“ и инвестирањето на 30 милиони денари од буџетот на Општина Аеродром за изградба на нови улици и сообраќајници.

Во делот на плановите за 2023 година, градоначалникот Тимчо Муцунски како посебно важен проект ја најави зелената обврзница преку која треба да бидат обезбедени над 300 милиони денари, средства кои ќе се искористат за зелени и енергетски – ефикасни проекти.

Во овој дел тој ја најави изградбата на двете детски градинки и доградбата и надградбата на две училишта во општината Аеродром.

„Оваа година ги подобривме состојбите во делот на хигиената, но моето мислење е дека состојбата е далеку од добра. Во таа насока за 2023 година планираме реорганизација на системот за одржување на хигиената, што меѓу другото подразбира и реализација на партнерство со приватна компанија со која заеднички ќе го подобруваме состојбите во однос на јавната хигиена во Аеродром“, истакна Муцунски.

На крајот на настанот Муцунски најави продолжување во 2023 година на успешните проекти од минатата година како што се „Бесплатно пливање за ученците“, „Таблет за секое дете“, како и завршување на плоштадот зад „Капитол“ и новиот современ парк зад трговскиот центар „Лиса“.

Ефикасноста и транспарентноста остануваат приоритети на актуелната администрација во Општина Аеродром. Во 2023 година и понатаму ќе се имплементира проектот за нула корупција, ќе биде година во која ќе продолжи домаќинското и одговорно работење, а трошоците за репрезентација како и досега ќе останат „0 денари“, порачаа од општината.