Нови експресни патишта во Македонија

Во Македонија се градат нови експресни патишта. Земјава добива стотици километри квалитетна инфраструктура. Ова ќе обезбеди побрз транспорт, пониски трошоци, зголемена конкурентност за компаниите, пишува Лидер.

За еден месец почнува изградбата на две многу важни делници: Штип – Радовиш и Ранковце – Крива Паланка.

-Со ова продолжува да се реализира ветувањето за изградба на шест вакви патни решенија во должина од 130 километри, инвестиција од 200 милиони евра. Речиси е готов експресниот пат од Велес до Штип со четири ленти, минатиот месец започна изградбата на експресниот пат помеѓу Кочани и Штип, исто така со четири ленти. Стариот пат помеѓу Штип и Кочани останува, а оваа комплетно нова траса треба да заврши за година до година и половина. Во тек на изградба е и патот од Градско до Прилеп, исто така со четири ленти“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Кои се новите делници?

Новиот бран за изградба на експресни патишта почна со делницата Штип – Кочани во должина од 28 километри. Делницата се реализира со пари од Европската банка за обнова и развој како клучно поврзување за овој дел на Македонија.

-Патот ќе има четири коловозни ленти, една за безбедно и три за брзо возење. Предвидената брзина е 100 километри на час, предвидени се клучки за сите населени места од овој регион, објаснува директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојановски.

Источна Македонија добива уште еден важен експресен пат што ќе ги поврзува Штип и Радовиш. Делницата е во должина од 38 километри, а вредноста му се проценува на 64 милиони евра.

Нешто поскапа е делницата од Ранковце до Крива Паланка, но овој експресен пат ќе биде од исклучително значење за Македонија за квалитетно сообраќајно поврзување со Република Бугарија.

-Изградбата на експресниот пат од Штип до Кочани е од огромно значење за поврзување со истокот на Република Македонија. Во овој регион е во тек и изградбата на автопатот од Скопје до Штип, се гради експресниот пат од Велес до Штип, а потоа и експресените патишта од Штип до Радовиш и од Ранковце до Крива Паланка, вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Со полна пареа се гради експресниот пат од Прилеп до Градско. Проектот се реализира во три фази и веќе интензивно се работи на терен. Се работи за делница во должина од 33,5 километри со вредност од 70 милиони евра. Проектот се реализира со Европската банка за обнова и развој. Стариот пат ќе остане како регионален.

Покрај овие делници, предвидено е од Битола да се гради експресен пат до граничниот премин Меџитлија со четири ленти. Инвестицијата се проценува на 10 милиони евра. Овој капитален проект се очекува значително да ја подигне конкурентноста на битолските компании и да ја зголеми атрактивноста за вложување во зоната во овој регион.

Она што е особено важно е што експресните патишта се градат со стандарди за автопат. Ова остава простор за нивно проширување во иднина.

-Се трудиме да бидат согласно стандарди на автопат, со исклучок на тоа што немаат шест туку четири ленти. Во некое догледно време, доколку има потреба и доволен број возила, може да се прошират со шест ленти, само ќе биде потребно проширување, а веќе стандардите за кривини, длабнатини или нагорници се согласно стандардите за автопати, вели Груевски.