Нови еко играчки и дидактички материјали добија градинките од Карпош

Нови еко – играчки, интерактивни smart табли и дидактички материјали беа доделени на претставниците од сите објекти на градинки на територија на Општина Карпош.

Примарната цел е да се обноват играчките за најмладите, но и да им се овозможат материјали со кои ќе ги развиваат когнитивните вештини, полесно да спознаваат и да учат за појавите. Токму овие паметни и интерактивни табли овозможуваат развој на моториката кај децата, учење на боите, на бројките и логично решавање на секојдневни ситуации.

Настанот се одржа во новата градинка „Виножито“, во Бардовци, при што градоначалникот Стефан Богоев истакна дека локалната самоуправа и во 2020 става значаен акцент на раниот детски развој и  на унапредување на условите во предучилишното образование.

Минатата година добивме нови занимални во „Мајски цвет“ (Тафталиџе 2), а беше реконструирана и главната кујна во „Орце Николов“ (Карпош 3). Дополнително, се работеше и на обнова на тоалетите во градинката „Пролет“, во Влае.

На крајот на  2019 потпишавме договор за доградба и проширување на „Орце Николов“ во Карпош 3, а ќе следи и надградба на градинката „Распеана младост“, во Карпош 1. Целта ни е да ги зголемиме капацитетите за згрижување на деца и да овозможиме квалитетно и сеопфатно предучилишно образование, рече Богоев.

Станува збор за активност на Одделението за детска, социјална и здравствена заштита која се спроведува еднаш во годината, а купувањето на ваков дидактички материјал за градинките е од средства од Буџетот на Општина Карпош.

Локалната самоуправа за тековната 2020 година предвидува и средства во висина од пет милиони денари за реконструкција на градинката „Мајски цвет“, објектот во Тафталиџе 1, како и два милиони денари за други, тековни реконструкции по градинките.