Нови директори на чело на две културни институции

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, вчера донел решение за разрешување на директорот на Театарот за деца и младинци, Братислав Димитров, како и на директорката на Театар „Комедија“, Јелена Жугиќ. Како вршителка на должноста директор во Театарот за деца и младинци е именувана Катарина Илиевска-Силјановска, додека за вршителка на должноста директор во Театар „Комедија“ е именувана Мирјана Поповска-Ристов.

„Единствена цел на назначувањето в.д. директори е итно да се ослободат клучните институции, кои беа заробени од кадри што се под целосна контрола на Никола Груевски, кадри врз основа на кои се штимале систематизацијата и критериумите. Воедно, ве известуваме дека во најскоро време ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, за да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори“, велат од Министерството за култура.

Сметам дека одлуката е противзаконска бидејќи тоа што е наведено како причина од Министерството за култура дека сум работела противправно не е вистина и откако ќе се вратам од одмор ќе ги разгледам можностите за обжалување на таа одлука. Сметам дека таа е политички мотивирана заради мојата партиска припадност која ми е загарантирана со уставот и не смее да биде пречка во извршување на професионалните задачи“ – изјави за Макфакс Јелена Жугиќ.