НОВИ БИЗНИСИ: На скопјанките има кој да им чисти, пегла, готви...

Едноставно, новото време создаде нови занимања Здодевното и напорно чистење на домот, перење, пеглање, готвење, па и грижата за домашните миленичиња се претвори во бизнис.

Додека низ градовите во внатрешноста ретко ги има, во Скопје специјализирани продавници за готвена храна, иста како дома, сервиси кои освен во фирми чистат и во домови, како и дуќани за перење и пеглање, има се повеќе. Иако лани се донесе закон со кој за вршење нерегистрирана дејност се предвидоа ригорозни казни, се уште има голем број жени кои одат по домови и чистат, готват, а за одреден надомест го завршуваат и здодевното пеглање.

- На почетокот мислевме дека ќе работиме за странци кои престојуваат со Скопје, но алишта за перење ни носат и фамилии. Најчесто на перење и пеглање ни носат специфични работи, како кошули, палта и слични парчиња облека што можат да се перат во машина, потоа постелнина, завеси. Переме и детски играчки и тоа со средство за дезинфекција. Знаете, ние пуштаме машина за перење и само за едно парче, а никој дома не го прави тоа. вели сопстевничката на дуќан за перење и пеглање облека.

Се наплатува по килограм, а во услугата спаѓа и земање и враќање на алиштата од вашиот дом.

На големо се шири и бизнисот со готвење домашна храна. Во поголемите маркет има посебен дел за готвени јадења, а се побројни се и специјализираните продавници. Во нив може да се купи буквално се: од предјадења, како пинџур, пирошки и слично, разни супи и чорби, манџи, печено месо... Може да се набави комплетен ручек, а цената на јадењето е најмалку двојно повисока од онаа на состојките од кои е подготвено. Но, за оние со солидни примања, кои се прибираат дома по 17 часот и уште имаат мали дечиња, ништо не е скапо.

Во една од специјализираните продавници за готвени јадења во центарот на Скопје ни рекоа дека не можат глава да кренат од муштерии. Изутрина најчесто доаѓаат вработени од блиските фирми за да си купат појадок, а попладне, од 16 до 18 часот, во редици се чека за да се купи ручек за дома, за целото семејство.

Има и жени кои нелегално и казниво со закон  чистат домови.Но, исто така постојат легални, регистрирани сервиси, кои освен по фирми, последниве години почнаа да чистат и во домови. Во една таква компанија не информираа дека речиси сите што чистат во фирми, почнале и во домови, зашто имало многу работа.

- Сервис за чистење граѓаните најчесто ангажираат за генералки. Исто така, домаќинствата викаат специјализирани сервиси и за чистење на теписите, за бришење на прозорци. Ние имаме и постојани муштерии кои не ангажираат за секојдневно одржување на домот, еднаш, па и два пати неделно, велат во фирма која од неодамна ја проширила дејноста и сега освен по канцеларии, чисти и по куќи.

Сево ова, за едни е добар бизнис кој не само што носи пари, туку има и перспектива, а за други огромна помош во домот.