Нови 15 американски волонтери во земјава од Мировен корпус денеска положија заклетва

Свечена заклетва денеска положија 15 американски волонтери од Мировен корпус Северна Македонија. Тие веќе три месеци живеат во семејства-домаќини и ги изучуваат македонскиот и албанскиот јазик и културата, а од понеделник ќе бидат ко-предавачи по англиски јазик во девет основни и две средни училишта во земјава. Дел од нив ќе соработуваат и со повеќе невладини организации. Вкупно во земјава ќе престојуваат 24 месеци.

Заклетва дадоа во присуство на новата американска амбасадорка Анџела Агелер, која, како што рече, порано и самата била волонтерка.

-Волонтерите го претставуваат најдоброто од она што Америка го нуди на светот. Во исто време тие со себе назад го носат најдоброто од она што го нуди Северна Македонија на светот, а особено на Америка. Тие градат трајни мостови меѓу луѓето од нашите две држави низ годините - рече Агелер.

Тројца од нив, посочи, побараа да се вратат тука откако во 2020 година беа евакуирани поради Ковид пандемијата заедно со другите волонтери од Мировен корпус Северна Македонија.

Директорката на Мировен корпус, Дебора Конер истакна дека Северна Македонија е 28-ма земја од вкупно 62 во која волонтерите се вратија на служба од оваа година.

-Дваесет и петтата група волонтери која е овде со нас денеска е пример за големото пријателство помеѓу двете земји. Многумина од нив сакаат да бидат волонтери уште од детството - рече Конер.

Укажа дека ова е прва група волонтери по три години, откако во 2020 година беа евакуирани поради пандемијата и додаде дека во наредниот период повторно ќе се зголеми бројот на волонтери.

-Имаме многу апликации за волонтери во Северна Македонија и многу ни е лесно да го направиме изборот, кажа Конер.

Заменик-министерот за образование и наука Љуљзим Алиу нагласи дека првите седум волонтери од Мировен корпус дошле во земјава  во 1996 година, а од 2014 година, кога е потпишан меморандум за соработка, значително е зајакната соработката со Министерството за образование и наука (МОН).

-Со МОН имаат одлична соработка во изминатите повеќе од 20 години во основното и средното образование. Од оваа група на волонтери ќе има ко-предавачи по англиски јазик во девет основни и две средни училишта ширум земјава - истакна Алиу.

Мировен корпус е основан во 1961 година од претседателот Џон Кенеди. Има за цел да помогне на земјите кои имаат потреба од квалификувани лица што ќе обезбедат техничка помош, да помогне во промовирањето на подобро разбирање на американскиот народ преку волонтерите и да сподели информации за заедниците и земјите каде што живеат и работат волонтерите. Во земјава се присутни од 1996 година и досега имало повеќе од 800 волонтери.