
Новата учебна година во средните училишта во Скопје започнува со подобрени и современи услови за учениците, посочија од Град Скопје.
Оттаму наведуваат дека во текот на летниот период биле реализирани низа инвестиции во образовната инфраструктура, со цел создавање поквалитетна и инспиративна средина за учење.

„Обновени и опремени се кабинети по математика и физика, лаборатории по хемија и биологија, а училиштата добија современа наставна опрема, интерактивна технологија, дидактички помагала и нов мебел. Посебно внимание е посветено на практичната настава преку современи лаборатории и изградбата на паметен пластеник, каде учениците ќе имаат можност практично да ги применуваат знаењата од науката, технологијата и земјоделството“, велат од Град Скопје.

Дополнително, додаваат дека изградени биле и нови современи спортски терени, со што се создавале подобри услови за спорт, физичка активност и здрав развој на младите.
„Со овие инвестиции, Скопје продолжува да гради образование што ја поттикнува љубопитноста, креативноста и практичните знаења и ги подготвува младите за професиите и предизвиците на иднината“, порачаа од Град Скопје.