Новата градина во Бутел 2 ќе биде готова за година и половина

Со одлична динамика напредува изградбата на новата детска градинка во населеното место Бутел 2, соопшти денеска градоначалникот на Бутел Дарко Костовски. 

 Во тек се активности и се работи на армирање, поставување на темели, цела потребна изолација на објектот и подготовка за поставување на подна плоча.

- Новиот објект ќе биде финилизиран за околу 18 месеци. Ќе се простира на 1800 м2. Ќе има 3 влеза, 7 занимални со 7 спални соби, 2 занимални со заеднички спални соби и една модерна просторија за јасли. Ќе има и посебна просторија за изолација и медицинска сестра како и млечна кујна. Новата градинка ќе има капацитет за 200 деца и ќе ги исполнува сите модерни услови за згрижување на деца од предшколска возраст, информираше Костовски. 

Објектот кој замина во историја беше изграден во далечната 1964 години и по 60 години се гради нова модерна детска градинка.

- Реализираме големо барање на граѓаните. Ова е капитален објект кој ќе го реализираме после долги години лажни ветувања, порача градоначалникот Костовски.