Нов документарен филм за Новак Ѓоковиќ пристигнува на 20 август и ќе биде достапен за гледачите ширум светот.

„Новак Ѓоковиќ: Волкот во зима““ е долгометражен документарец во режија на Џејсон Хир, режисерот на познатиот „Последниот танц“ за Мајкл Џордан и Чикаго Булс. Филмот ќе биде достапен во повеќе од 240 земји и територии, првенствено преку платформата Прајм Видео.

Приказната го следи Ѓоковиќ од детството во Србија, преку неговото пробивање во светскиот тенис, до годините во кои ги собори најголемите рекорди. Во филмот се појавуваат и неговата сопруга Јелена, Рафаел Надал, Андре Агаси, Пит Сампрас, Борис Бекер и други личности од тенискиот свет.
Cпоред самиот Ѓоковиќ, ова не е само приказна за тенисот.
„Тенисот ми даде многу, но најголемите битки никогаш не се водеа само на теренот. Овој документарец е за моментите што луѓето не ги видоа – сомнежите, жртвите и работата постојано да се менувам и да одам подалеку од приказната за која многумина мислат дека ја знаат“, вели Ѓоковиќ.
Тој додава дека е горд што оваа страна од својот живот може да ја сподели со семејството, тимот, пријателите и навивачите кои го поддржувале низ годините.
„Како режисер, Џејсон, но и самата продукција разбраа дека ова никогаш не беше само приказна за тенисот, туку за луѓето, вредностите и моментите што стојат зад него. Патувањето беше неверојатно – но сè уште не е завршено“, вели Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ има 24 гренд-слем титули, најмногу во машкиот тенис, од кои рекордни 10 на Австралија опен. Има освоено рекордни 40 Мастерс титули и поминато 428 недели на првото место на АТП-листата, повеќе од кој било друг тенисер во историјата.
Во 2024 година во Париз го освои и своето прво олимписко злато. Со тоа ги освои сите четири гренд-слем турнири и олимписко злато — достигнување што го става во најмалата група на тениски легенди.
Балканската премиера веќе се одржа на Ловќен во Црна Гора, на 11 август, пред околу 200 гости. Во Србија засега нема најавена премиера, што привлече дополнително внимание во регионот.
За бројните навивачи на Ѓоковиќ во Македонија, 20 август е датумот што треба да се запамети.
Тогаш ќе можеме да ја погледнеме приказната за човекот кој од тениските терени во Србија стигна до самиот врв на светскиот спорт.