Нова вртелешка ќе се постави во центарот на градот

Напролет граѓаните ќе можат да се возат на вртелешка и на плоштадот "Филип Втори". Како што пренесе Вест, наредната недела треба да биде потпишан договорот за набавка на реквизитот, по што се очекува најдоцна до април каруселот да стигне во Скопје.

"Во моментов тече рокот за жалби, и очекуваме наредната недела да биде потпишан договорот. И оваа вртелешка ќе работи на ист принцип како онаа на плоштад 'Македонија', само ќе биде малку поголема, односно ќе има поголем дијаметар и повеќе реквизити. Цената на билетот ќе биде 30 денари, односно 40 денари доколку детето се вози со придружба", вели за Вест, Душан Авировиќ, директор на ЈП "Паркови и зеленило"

Според тендерската документација, каруселот ќе чини околу 165.000 евра. Ќе има минимум 17 фигури и 30 седишта, односно 12 коњчиња со по едно седиште, четири кочии со повеќе од 14 седишта, една ротирачка чаша со четири седишта, минимум шест коњчиња кои се нишаат, шест што се движат горе - долу.

Првата вртелешка на плоштадот Македонија беше поставена пред три години. Од претпријатието објаснуваат дека првите две години интересот бил одличен, односно реквизитот работел со добивка, што не е случај за другите содржини, како што е пајтонот. Првата година од работата на вртелешката беше остварен приход од 2,8 милиони денари, а лани 2,5 милиони денари.