Нова водоводна мрежа и нова улица за жителите на улица „Лисец“ во Аеродром

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека се отпочнати градежните активности за обезбедување на нова водоводна мрежа и нова улица за жителите на улица „Лисец“.

„По години запоставеност и нерешени проблеми, конечно започнуваме со конкретни чекори кои носат вистинска промена за жителите на улица „Лисец“ во Горно Лисиче. Денес, заедно со градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Иван Митровски, го означивме почетокот на градежните активности за проект кој значи подобар и подостоинствен живот за овој дел од градот“, истакна Ѓорѓиевски.

Проектот опфаќа изградба на целосно нова водоводна мрежа, поставување тампонски слој и нов асфалт, со што трајно ќе се реши водоснабдувањето и инфраструктурата за стотици жители.

„Она што со години било проблем, денес го претвораме во решение. Улицата „Лисец“ е важна сообраќајна артерија во овој дел од градот и со нејзината реконструкција значително се подобрува квалитетот на животот, но и безбедноста на пешаците и сите учесници во сообраќајот кои секојдневно ја користат“, нагласи градоначалникот на Скопје и воедно додаде дека во Аеродром, како и во сите општини на Град Скопје, вложуваат посветено и одговорно.

Тој посочи дека улицата „Фрањо Клуз“ веќе е целосно реконструирана, а најави и дека наскоро ќе започне изградбата на двата кружни текови кај „Тобако 2“, како и реализацијата на низа капитални инфраструктурни проекти кои суштински ќе го трансформираат Скопје.