Нова водоводна линија за околу 50 домаќинства

Околу 50 домаќинства во скопската населба Ченто, поточно месноста Камник, ќе добијат подобро водоснабдевање. Честите проблеми кои се јавуваат во овој дел од градот, поради застареноста на водоводната инфраструктура, ги примораа надлежните да превземат чекори за подобрување на ситуацијата. На инсистирање на граѓаните, Општина Гази Баба и ЈП „Водовод и канализација“ започнаа со реконструкција на водоводната линија во должина од 700 метри.

Проектот е поделен на два дела, така што првиот ќе биде реконструкција на првите 500 метри од делницата со поставување на Ф 110 цевки. Во втората фаза, ќе се поставуваат Ф 90 цевки на преостанатите 200 метри. Целиот проект е вреден 1,7 милиони евра, а парите се издвоени од буџетите на Општината и Јавното претпријатие.

Со негово комплетирање, покрај редовно водоснабдевање, граѓаните на овој дел од градот ќе добијат и поквалитетна вода за пиење. Новиот водовод се поставува во близина на бензинската на „Лукоил“ и „Агросервис“.