Нова велосипедска и пешачка патека на булеварот 8 Септември

Деновиве заврши изградбата на новата велосипедската и пешачка патека на булеварот 8 Септември, која се протега од мостот кај хотелот Александар Палас до улицата Варшавска. На промоцијата на новата велосипедска патека присуствуваше и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

„Вкупната должина на патеката на овој потег изнесува 1.200 метри и со тоа успешно ги поврзавме постојните велосипедски рути 1 и 2 со кејот на Вардар. Ширината на патеката изнесува 2,5 метри што овозможува двонасочен велосипедски сообраќај. Велосипедската патека е дел од т.н. Конектор 5 кој по завршувањето на неговата изградба во вкупна должина од 2.044 метри предвидено е да ги поврзува рутите 1, 2 и 3 и да се протега по должина на целиот булевар, поточно од крстосницата со булевар Митрополит Теодосиј Гологанов до крстосницата со улица Скупи“, кажа Шилегов.

За изградбата на велосипедската и пешачката патека досега се потрошени 15 милиони денари. На дел од оваа патека се вршат и експериментални мерења за температурата на асфалтот и заради тоа тој дел од патеката е обоен со бела боја. Пилот тестирањето е дел од европскиот проект ЕПИКУРО ЕКО чија цел е зголемување на отпорноста на градот во однос на климатските промени.

Шилегов рече дека со завршувањето на оваа патека ќе се поврзат трите главни рути во Скопје и кејот на Вардар и граѓаните на Карпош, како и преостанатите граѓани коишто живеат и работат тука ќе можат побрзо со велосипед да стигнуваат до своите домови и работни места.

Покрај на оваа локација, во моментов се работи на изградба на нови велосипедските патеки на повеќе локации низ градот со вкупна должина од над 5 километри. Новите патеки се градат на булевар Борис Трајковски, на улица 11 Октомври, на булевар Крсте Петков Мисирков и на улица Бутелска.