Нова улица ќе се пробива од Трета македонска бригада до воен базен

Нова улица ќе се пробива од булеварот "Трета македонска бригада" до воениот базен во Аеродром. Исто така целосно ќе се реконструира и улицата "Васко Карангелески" која е во надлежност на Град Скопје. Оваа улица ќе се реконструира и во делот од Мајчин дом до хотел "Русија". Во претстојниот период ќе биде реконструиран и булеварот "Февруарски поход" и тоа од булеварот "Видое Смилевски Бато# до булеварот АСНОМ. Ова се само дел од најавените идни проекти на градските власти во делот на инфраструктурата, што ги соопштија на вчерашниот увид во градежните активности на четирите нови улици што од неодамна се градат во Стар Аеродром.

На терен беа скопскиот градоначалник Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

- Станува збор за изградба на фекална и атмосферска канализација, асфалтирање, тротоари и јавно осветлување на улиците "Пандил Шишков", "Вангел Тодоровски" и двете новопроектирани улици 4 и 5 во населбата Стар Аеродром во вкупна должина од околу 800 метри и широчина од 7 метри, информираше градоначалникот на Аеродром.

Изградбата на овие 4 улици, како што рече Коневски, заедно со неодамнешната реконструкција на улицата "Методија Шаторов - Шарло" (поранешна Руди Чајавец) значи зајакнување на инфраструктурата во оваа населба со нови објекти за домување и има витално значење за урбаното живеење на нејзините жители.

Новата инфраструктура, како што рече градоначалникот Коневски, се очекува да го задоволи неопходниот капацитет за новите станбени објекти во овој дел од општината.