Нова сообраќајка со доставувач на „Волт“ во Скопје – интервенира Итна помош

Нова сообраќајна несреќа во која е повреден доставувач на „Волт“ се случила попладнево на булеварот „Партизански Одреди“, во близина на мостот „Обединети нации“.

Околностите под кои дошло до несреќата засега не се познати. На фотографија што до нашата редакција ја достави читател се гледа мотор паднат на коловозот, додека на местото интервенира екипа на Итната медицинска помош.

Засега нема официјални информации за тежината на повредите на доставувачот, ниту за тоа како точно дошло до сообраќајката.

Ова е уште една сообраќајна несреќа со доставувач на „Волт“ за краток период. Неодамна доставувач беше повреден и во сообраќајка на булеварот „Св. Кирил и Методиј“, во близина на поранешната зграда на „Нова Македонија“.

По тој случај, на социјалните мрежи се отвори поширока дебата за безбедноста на доставувачите и начинот на нивното движење во сообраќајот. Дел од граѓаните реагираа дека често забележуваат брзо возење, движење во спротивен правец и ризични маневри, додека други го поставија прашањето дали системот на исплата и притисокот за побрза достава дополнително влијаат врз нивното однесување во сообраќајот.