Нова можност за згрижување деца- домашни градинки

Домашното згрижување на деца е дел од проектот Унапредување на алтернативните услуги за згрижување деца финансиран од Европската унија кој се спроведува во соработка со Министерството за труд и социјала.

Сертифицираните воспитувачи можат да згрижат најмногу пет деца за кои е потребно да обезбедат простор од 15-тина квадрати. Времето на престој и цената за згрижување е предвидено да се договораат според потребите на родителите.

- Ние се сретнавме со повеќе од 3 илјади родители на мали деца и ги дознавме различните потреби и очекувања кои се однесуваат на системот за згрижување. Се сретнавме и со повеќе од 300 невработнеи да утврдиме дали кај нив постои интерес за работа со деца од предшколска возраст во домашни услови, изјави Мариус Хаулика, Лидер на Проектот.

Инаку во проектот е предвидено вклучување и на приватните компании со чија поддршка ќе се исполнат потребите на вработените со мали деца.

Охриѓанката Оливера Дамјаноска од вчера во својот дом може да згрижува деца од предшколска возраст. Таа е првиот сертифициран воспитувач кој во сопствениот дом обезбедува услови идентични на детските градинки.

- Јас сум дипломиран воспитувач, имам работено со деца но останав без работа и ми беше предизвик да се вклучам во овој тренинг центар за да можам во својот дом да создадам простор за да ги згрижам дечињата, вели Дамјаноска.

Дамјаноска е дел од првата група на 20-тина невработени жени кои денеска добија сертификат за домашно згрижување на деца. Сметаат дека со нивната работа ќе го амортизираат недостигот од слободни места во градинките.