Авторот Зоран Доревски во книгата „Скопскиот атентат“ ги анализира можните мотиви, организатори и последиците од нападот врз првиот претседател на независна Македонија.

Нови согледувања и анализи за атентатот врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, се содржани во книгата „Скопскиот атентат“ од авторот Зоран Доревски, која беше промовирана денеска.
Доревски во книгата се обидува да одговори на прашањата кој стоел зад атентатот, кои биле мотивите и целите, како и кога била донесена одлуката за негово извршување. Според авторот, атентатот се случил во период кога Македонија го напуштала дотогашниот политички курс кон Белград и се насочувала кон евроатлантските интеграции.
Анализата во книгата е поделена на четири фази: одлуката за ликвидација, организацијата и логистичката подготовка, самото извршување и периодот по атентатот. Токму последната фаза, според Доревски, зазема особено место во неговото истражување. Тој го анализира периодот по нападот и последиците што ги оставил случајот, со посебен акцент на лицата кои, според неговите наоди, имале одредени сознанија поврзани со атентатот.
Во книгата се поставува и прашањето за смртта на осум лица кои, според авторот, биле на различни начини поврзани со случајот и кои починале во период од две години по атентатот.
„Се обидов да објаснам зошто овие лица се замолчени, кои биле нивните сознанија, како можеле да придонесат за расветлување на случајот и зошто го преживеале атентатот, но не и постатентаторскиот период“, истакна Доревски.
Атентатот врз Глигоров беше извршен на 3 октомври 1995 година, кога експлозивна направа активирана од автомобил експлодираше во близина на неговото службено возило во центарот на Скопје. Глигоров преживеа, но неговиот возач загина, а неколку лица беа повредени.
Случајот со години останува нерасчистен, а сторителите и нарачателите на нападот официјално не се утврдени.