Нова градинка и зелено училиште веќе следната година - што вети Муцунски за Аеродром за 2022

Подобри услови во образовните институции, сообраќајни инфраструктурни проекти, мултифункционален општински центар, но и прво зелено училиште во Аеродром – ова го предвидува програмата на новоизбраниот градоначалник на најголемата скопска општина Тимчо Муцунски.

 Како што вели тој, веднаш започнуваат со работа, а еве кои проекти се очекува да бидат реализирани веќе во следната година.

До крајот на следната 2022 година најмалку една градинка ќе биде пуштена во употреба, се вели во програмата на Муцунски согласно која се предвидува изградба на вкупно четри детски градинки до крајот на мандатот. Нивниот капацитет ќе биде 800 дечиња во следниве населени места: Острово, Лисиче, Мичурин и Долно Лисиче.

Следната, 2022 година се очекува да биде отворено и првото зелено училиште во општина Аеродром, во рамки на обврската сите основни училишта да подлежат на енергетско ефикасна реконструкција и да добијат паметни училници со мултимедијални смарт табли и останата современа ИТ опрема согласно светските трендови.

Новиот мултифункционален општински центар кој го најави Муцунски се очекува да профункционира до 2023 година.

Она што се очекува во првата половина од мандатот е и изградбата на кружниот тек во Острово кој е еден од двата планирани кружни текови. Вториот е предвиден на булевар Србија.