Нова фабрика од Белгија ќе вработи над 100 лица во Македонија

Во индустриската зона Чојлија во општина Петровец ќе се гради нова фабрика за обработка на метали.

Станува збор за белгиска инвестиција која ќе овозможи вработување на стотина лица. Индустрискиот објект кој ќе се простира на површина од околу 7.000 метри квадратни се очекува да биде пуштен во употреба најдоцна за 2 години.

Се` поголем е интересот за инвестирање во општина Петровец, а најпривлечни за инвеститорите се индустриските зони Чојлија и Ржаничино, вели градоначалникот Борче Митевски.

Вкупно 128 странски и домашни компании инвестирале на територијата на Петровец. Поради големиот интерес, започната е постапка за пренамена на земјоделското земјиште во градежно со цел да се овозможи изградба на дополнителни две индустриски зони – информираат од општината.