НОВА ДЕТСКА ИНСТАЛАЦИЈА: Јованче и Марика на патот до домот во Чаир ја наоѓаат чоколадната куќа

Со наслов „Приказна за Јованче и Марика, барајќи го патот до домот ја наоѓаат чоколадната куќичка“ ќе биде поставена нова детска инсталација во Скопје. Приказната на Јованче и Марика ќе се постави во општина Чаир, поточно на „Игралиштето во Топаанско Поле“ и тоа меѓу улиците „Аугуст Цесарец“, „Благоје Паровиќ“, „Методија Митевски“ и граничи со булеварот „Македонско-косовска бригада“.

Едукативната инсталација треба да ја изработи „ТЗЗ Креатив Енд Ко“ Дооел Скопје и согласно со договорот носителот на набавката во рок од 30 дена, сметано од денот на склучување на договорот, 19.10.2018 година треба да ја изработи и да ја намести детската инсталација.

-Инсталацијата ја претставува детската љубопитност и снаодливост, но и љубовта што ја чувствуваат меѓусебно децата во семејството, односно една сцена од приказната која е многу впечатлива и позната меѓу децата. Елементите на инсталациите на децата кои ќе го посетат паркот ќе им нудат можност и да учат и да се забавуваат, велат од Град Скопје.

Град Скопје во Програмата за култура за 2018 година во делот за капитални инвестиции обезбеди средства за објавување постапка за јавна набавка за избор на едно идејно-обликовно и архитектонско-урбанистичко решение на детска едукативна просторна инсталација во зелениот појас на паркот на Општина Чаир и тоа на тема: „Во имагинарниот свет на децата“.

Минатата година на територијата на Скопје беа поставени три едукативни инсталации – “Љубопитни орли” која беше изведена на Средно Водно, потоа “Октоподот Хенк”, кој беше поставен во Карпош во паркот “Македонија” и “Жабецот принц” со кој дечињата се забавуваат во Градски парк.