Нова детска градинка во населбата Дексион

Општина Ѓорче Петров ќе добие нова детска градинка со капацитет за 150 деца. Просторија од основното училиште Ѓорче Петров во населба Дексион ќе се пренамени и адаптира во детска градинка. Градежните работи се веќе во тек и се очекува веќе наредната година, најдоцна во март да започне со работа како нова современа детска градинка.

Увид денеска извршија министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски.

Министерот Спасов истакна дека ова е втора градинка на МТСП во оваа општина и посочи дека и минатата година била отворена детска градинка со капацитет за 50 дечиња  во која биле вложени 4 милиони денари .

-Во овој објект кој сега се реконструира инвестираме околу 3 милиони денари и очекува за еден месец да завршат градежните активности, а потоа општината во соработка со градинката ќе го опремат просторот и градинката ќе ги има сите функционалани содржини за сите групи на дечиња од предучилишна возраст, истакна министерот.

Спасов посочи дека оваа општина има потреба од повеќе детски градинки и истакна дека во оваа општина нема да застанат инвестициите. Тој најави дека и во 2016 година ќе биде направена уште една градинка во рамки на училиштето „Димитар Беровски“.

-И понатаму продолжуваме со активности за зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст. Во моментов МТСП инвестира во 14 општини за нови 14 детски градинки и со тоа ќе се влијае да се зголеми опфатот на деца од предучилишна возраст во рамките на детските градинки во Р. Македонија, како и создавање на објекти во општините каде што досега воопшто немало детски градинки, а со тоа ќе се влијае во делот на подобрување на квалитетот на живот на децата и нивните родители, потенцираше министерот.

Градоначалникот Митровски посочи дека изминатите години се направени бројни  напори за зголемување на капацитетот, отворени се 3  нови градинки во општина Ѓорче Петров и со тоа е зголемен бројот на згрижени деца за да можат родителите да си ги вршат своите обврски. 

За еден месец ќе се започне и со изградба со нова градинка во месната заедница „Мирче Ацев“ за уште 50 дечиња.