Нова дестинација за летово: Туристите ќе можат да уживаат во нов рај во Македонија

Во дојранското село Николиќ, по долгогодишна пауза, се создаваат неопходни услови летово да се врати туризмот и тоа на најубавата плажа на дојранското крајбрежје која се гради на потегот од селото до границата со Грција.

Плажата во Николиќ наскоро ќе биде достапна за сите туристи, а се уредува во рамки на проект кој е дел од општинската стратегија за развој на туризмот вдолж целото крајбрежје.

– Почнавме од селото Николиќ како нова туристичка понуда заради неговата питомост и местоположба. Плажата со должина од сто метри моментно ќе биде најубава на Дојранско Езеро ова лето. Нејзиното уредување чини 6,3 милиони денари кои се обезбедени преку Бирото за развој на југоисточниот плански регион, изјави градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.

Од Општината најавија дека во иднина ќе се урбанизира и просторот околу плажата со цел да се направи современ автокамп. Пред повеќе од триесет години, кога водата почна да се повлекува, на овој простор се наоѓаше тогаш познатиот автокамп „Ачикот“.