Нова авионска директна линија од Талин до Охрид

Естонскиот авиопревозник „Нордика“ ќе почне да лета на авиолинијата Талин – Охрид – Талин, почнувајќи од летната сезона во 2018 година, најави ТАВ Македонија.

По успешните преговори што ги водеше маркетинг-одделот на ТАВ Аеродроми од Истанбул, авиопревозникот ја потвдри својата одлука за почеток на операциите од Македонија, и ќе воведе сезонски летови од естонскиот главен град до македонскиот туристички бисер- Охрид, од почетокод на летната сезона во 2018 година.

- Среќни сме што најавуваме уште една нова дестинација од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ до Талин, со која ќе оперира естонскиот авиопревозник „Нордика“ од 1. јуни следната година. Со сезонските летови на линијата Талин – Охрид – Талин, „Нордика“ еднаш неделно, секој петок, почнувајќи од 1. јуни сѐ  до 15. септември, ќе носи туристи од Естонија на Охридското Езеро. Очекуваме дека со овие летови во текот на следното лето над 2.500 патници од Естонија ќе слетаат на охридскиот аеродром. Со отворањето на директната авиолинија до Талин, всушност отвораме еден сосема нов пазар за патници на охридскиот аеродром – Естонија, и навистина сме среќни поради тоа, бидејќи ќе значи бенефит не само за аеродромот, туку и за целата туристичка заедница. Би сакале да му се заблагодариме на нашиот Маркетинг-оддел од Истанбул кој успеа да ја убеди „Нордика“ да почне да лета од Македонија, како и на „Нордика ерлајнс“ за нивната одлука да почнат со операции од охридскиот аеродром – изјави Алпер Ерсој, Генерален директор  на ТАВ Македонија.

Според најавите на авиопревозникот, летот од Охрид до Талин ќе трае три часа. Билетите се пуштени во продажба од денеска (26. септември) со цени кои почнуваат од 99,90 евра. 

ТАВ Македонија ги заврши првите осум месеци од 2017 година со пораст на бројот на патници од 10 отсто на двата македонски аеродроми – „Александар Велики“ во Скопје и „Св.Апостол Павле“ во Охрид. Во истиот период, бројот на летови порасна за значителни 18 отсто на годишно ниво.