Нов забавен парк во Скопје, но кој гарантира за безбедноста на овие атракции?

Од неодамна Скопје доби нов забавен парк, со адреналински атракции. Нешто што навистина му недостасуваше на главниот град. 

Новиот забавен адреналински парк „Мега“ е лоциран а улица „Илинденска“ веднаш до СЦ „Борис Трајковски“. 

Иако е нешто ново во градот, нешто што го немаше до сега, сепак наиде и на позитивни и на негативни реакции. Негативните реакции се поврзани со цената на возењето. Скопјани сметаат дека таа цена која е дадена е прескапа за нашиот стандард. 

Од друга страна пак, се отвора едно друго прашање. Кој е надлежен за безбедноста на овие атракции. Оние кои го посетуваат паркот, не се плашат, велат сигурно е безбедно, нема некој туку така да си игра со животот на луѓето, а истото го тврдат и сопствениците. 

Но, кој го контролира истото?

Од Град Скопје за Алфа велат станува збор за отворен парк на приватна парцела за кој немаат никаква надлежност. Немаа одговор на прашањето кој врши безбедносни проверки и контроли на техничката исправност.

Забавниот парк нуди над 20 возења, од кои 10 се адреналински атракции, 10 фамилијарни возења, како и неколку интерактивни реквизити.

Работното време на паркот од понеделник до четврток е од 17:00-00:00, во петок до 01:00, a сабота и недела од 10:00-01:00.

Главни атракции во „Мега“ се Камикази, кулата висока над 100 метри, Летечкиот килим, Брејк Денс, Ентерпрајз, Куќа на стравот и Поп Старс- возења какви можеме да видиме низ светските тематски паркови.