НОВ ВОЗЕН РЕД: Скопје ќе биде „поблиску“ до Битола за 45 минути

Од 1 јуни Скопје ќе биде „поблиску“ до Битола за 45 минути, дневно ќе се слуша свирката на седум воза, кои ќе доаѓаат од метрополата до Битола и ќе се враќаат назад. Најголемиот дел од нив ќе бидат нови гарнитури, кои ќе го скратат патувањето од три часа и 15 минути на два и пол часа. Директорт за маркетинг и продажба на „Македонски железници“, Kире Диманоски, најави дека од 1 јуни ќе стартува новиот возен ред на релација Скопје - Битола и обратно.

Според сегашниот возен ред, возовите од Битола за Скопје поаѓаат во 3.10 ч, 8.50 ч, 12.50 ч и 18.25 ч. Следниот месец ќе бидат воведени уште три нови. Според Димановски, сите нови дополнителни линии ќе бидат деловни и со нив побрзо ќе се стигнува до Скопје.

Освен во брзината, патниците ќе имаат можност да уживаат во комфорот на новите железнички композиции.

- Максималната брзина на новите возови е 120 километри на час, а планираме деловните возови да застануваат само на станиците Битола, Прилеп, Велес и Скопје, што значи дека многу побрзо ќе се патува од Битола до Скопје. Освен што возот е брз, комфорен е и со повеќе удобности за патниците како што се телевизори, клима-уреди, слободен интернет-пристап - за Дневник, изјави Никола Kостов, генерален директор на „Македонски железници-Транспорт“ .