Нов возен ред на Македонски железници за 2019 година

 Од скопската железничка станица дневно ќе поаѓаат и пристигнуваат 19 пара возови, што е најмалку во историјата на македонските железници. Притоа, единствениот меѓународен воз што ќе сообраќа целата година е брзиот воз Скопје – Приштина – Скопје, кој од нашиот главен град ќе поаѓа секојдневно во 16:10 часот.

Експресниот воз за Белград и Солун ќе сообраќа секојдневно, но само во периодот меѓу 15 јуни и 16 септември 2019 година. И покрај тоа што дневно сообраќаат по 12 автобуси меѓу Скопје и Белград, нашата железница смета дека нема доволен број патници на оваа дестинација за возот да функционира во текот на целата година.

Во домашниот железнички сообраќај, меѓу Скопје и Гевгелија ќе сообраќаат само два пара возови, со поаѓање од метрополата во 6:25 и 16:55 часот. Во летниот период кон најјужниот град во земјава ќе сообраќа и дополнителен трет воз, со поаѓање од Скопје во 4:45 часот. Како и во изминатата година, кон Кочани и Кичево во 2019 година ќе сообраќаат само по еден пар возови дневно. На релацијата од Скопје кон Кичево ќе поаѓа патнички воз во 17:15 часот, додека од Скопје кон Кочани сообраќа воз во 16:40 часот. Меѓу Скопје и Куманово сообраќаат само 4 пара возови дневно, и тоа во 3:57, 6:25, 16:25 и 19:00 часот, а во летниот период ќе има поаѓање и од 22:19 часот.

На дестинацијата Скопје – Битола – Скопје се впишани по четири пара возови дневно, со поаѓања од главниот град во 6:42, 14:30, 17:10 и 20:10 часот. Но, привремено нема да сообраќа кон Битола возот од 17:10 часот, неофицијално поради тоа што нема доволен број на исправни моторни гарнитури за да се пуштат во сообраќај. Меѓу Скопје и Велес во возниот ред за наредната година се впишани 11 пара возови дневно, но во наредните месеци ќе сообраќаат само 9 пара возови во текот на едно деноноќие.

И покрај тоа што секоја година се намалува бројот на патнички возови, македонската влада за наредната година се одлучи да ги зголеми субвенциите за Македонски железници – Транспорт, кои догодина од државниот буџет ќе добијат 430 милиони денари. Како резултат на кратењето на патничките возови, Државниот завод за статистика пресметал дека во првите шест месеци од 2018 година со воз се превезени само 280.000 патници во внатрешниот и во меѓународниот железнички сообраќај.