Нов возен ред на Македонски железници за 2017 година

Новиот возен ред на Македонски железници не носи големи промени во поаѓањата и пристигнувањата на возовите и ќе биде со важност до 9 декември 2017 година.

Како исклучок се смета укинувањето на дневниот експресен воз меѓу Скопје и Белград, но и привременото несообраќање на ноќниот воз на релација Белград – Скопје – Солун. На релацијата Скопје – Гевгелија – Скопје е предвидено да сообраќаат три пара возови дневно, додека меѓу Скопје и Табановце се предвидени по пет воза дневно. Главниот град ќе биде поврзан со Битола со пет воза дневно, со поаѓање од Скопје во 1:35, 6:42, 14:30, 17:10 и 20:10 часот. Линиите кон Кичево и Кочани ќе се одржуваат со по еден пар возови дневно.

На релацијата Скопје – Велес – Скопје е зацртано да сообраќаат 13 пара возови дневно, додека Скопје и Приштина ќе бидат поврзан со еден брз воз што ќе поаѓа од македонскиот главен град во 16:10 часот. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на патници кои го користеле возот како превозно средство опаднал на 501.000 патници во првите девет месеци од 2016 година.