Нов урбан мини плоштад во Центар (ГАЛEРИЈА)

Новиот мини плоштад на спојот на улица Пиринска со булеварот Св. Климент Охридски е уште еден освоен простор за одмор и релаксација за жителите на околните згради и за минувачите, соопшти Општина Центар.

„На местото на несредениот паркинг, оштетен асфалт и подлога и бандери од кои висеа кабли, на површина од 290 м2, општина Центар изгради мини плоштад, хортикултурно уреден со јавно осветлување и нова урбана опрема. Пјацетата е поплочена со комбинација од природен гранит и травертин. Материјалите се карактеризираат со трајност, квалитет и долговечност, лесно се одржуваат и се во склад со најмодерните светски стандарди за партерно уредување. Доминираат мултифункционалните урбани елементи, клупа и вградени држачи за велосипеди. Амбиентот го дополнуваат две високи дрвја – ликвидамбери, кои во лето ќе бидат природен чадор за сонце. Во жардинери има густо зеленило, а просторот е осветлен со канделабра и 17 амбиентални светилки“, информираат од општина Центар.