Нов спот со музика на Кирил Џајковски за филмот „Врба“

Промовирана е уште една музичка тема од саундтракот за филмот „Врба“, која ја потпишува композиторот Кирил Џајковски. Идејата за музичката тема „Willow Dawn“ (Врбина зора) на Џајковски е претопување на „Тешкото“ во модерен ритам.

– Идејата за „Willow Dawn“ тргна од Милчо, кој предложи да се проба некоја модерна верзија на „Тешкото“. Јас имав една идеја во амбиентален трип-хоп манир, па се обидов да ги поврзам двете теми. Од таа комбинација ми се чини излезе интересен спој, каде што интензивниот звук на зурлата, електронската и ритмична подлога на некој начин интимно, а сугестивно доловуваат момент на страсна и важна пресвртница во приказната на главните ликови на филмот, вели Џајковски.

Првиот сингл од саундракот за филмот е „Ред Сафари“ и беше  промовиран неодамна, а наскоро ќе излезе и саундтракот за новиот игран филм на Милчо Манчевски.

Од продукцијата „Банана филм“ соопштија дека од кинопремиерата, „Врба“ за еден месец го гледале над 26.000 гледачи и дека филмот наскоро ќе си оди од македонските киносали и животот ќе го продолжи на светските филмски фестивали и во кинодистрибуција.

Светската премиера на „Врба“ беше на 19 октомври на фестивалот во Рим, а минатиот месец играше и на фестивалите во Тајпеј, Тајван и Талин.

-Секаде доби извонредни критики и одгласи кај публиката, а медиумите во Талин го препорачаа меѓу топ пет филмови што треба да се гледаат на фестивалот, соопшти продукцијата на „Врба“.