Нов систем за пропуштање на Брзата помош на сообраќајниците со цел побрзо да стигне до Клинички

Во ЈП”Улици патишта” работат на систем што ќе овозможи пропуштање на Брзата помош на сообраќајниците со цел побрзо да стигне до Клиничкиот центар. Како ќе функционира овој систем од ова јавно претпријатие не откриваат, но за МИА потврдуваат дека ќе биде реалност до крајот на оваа година.

Пред три месеци за ова беше разговарано на координативен состанок меѓу министерот за здравство, Венко Филипче со претставници од секторите за сообраќај при Општина Центар и Град Скопје, МВР, Регионалниот центар за управување со сообраќај и со вработени од Итната медицинска помош, при што беше нагласено да се овозможи „зелена траса“ по булеварите кои водат до Клиничкиот центар за потребите на возилата на Брзата помош, кои ќе имаат свој посебен влез и лента за непречено движење.

На маса беше ставена и можноста на сервисна улица “Герман” која го спојува излезот на Клиничкиот центар и раскрсницата кон ТЦ „Рамсор“ и излегува на улицата “Јордан Мијалков” да се врати двонасочниот сообраќај. Беше предложено да се врати двонасочниот сообраќај и на улицата “50 Дивизија” која се спојува со “Водњанска” и по цел ден е тесно грло. Едно од решенијата е и пробивање на нова пристапна улица низ поранешниот студенски дом „Медицинар“. Се разгледа и можноста главниот влез на Клиничкиот центар да биде дислоциран и да биде поставен во близина на стоматолошките клиники, со цел да се намали притисокот на возилата кои сообраќаат по “Водњанска”, особено во период кога има посебен режим, кога сообраќаат возила на делегации. На тој начин ќе се ослободи и досегашниот главен влез за полесен пристап на возилата на брза помош.