Нов рекорд - Старнавски се спушти на 240 метри длабочина во пештерата „Врело" на Матка

Светски познатиот спелеолошки нуркач Криштоф Старнавски од Полска се спушти на длабочина од 240 метри во подводната пештера Врело на Матка, соборувајќи го сопствениот минатогодишен рекорд од 230 метри.

Старнавски во придружба на неговиот тим и со поддршка од домашните спелео-нуркачи од клубовите „Акватек" и „Врело" од Скопје, по повеќе од пет часа успеа да ја освои оваа длабочина, користејќи специјален систем за подводно нуркање наречен ребридер.

-Матка Врело е извонредна пештера со кристално чиста вода и огромни галерии. Со помош на македонскиот тим нуркачи, предводени од клубот „Акватек", направивме истражување на пештерата до 240 метри во длабочина и повеќе од 800 метри во должина, после кои утврдивме уште многу можности за понатамошно истражување во следна експедиција. Јас сум во потрага по најдлабоката пештера во светот, а Матка Врело има голем потенцијал да стане најдлабоката пештера истражена од човек, изјави Старнавски и додаде дека веќе на следната експедиција би сакал да го засведочи овој факт и Врело да стане најдлабоката пештера во светот.

Како што информираат од „Акватек", минатата година Старнавски стигна до 230 метри длабочина со што го сруши рекордот на италијанскиот нуркач Луиџи Казати, кој во 2010 година стигна до 212 метри длабочина.

Пештерата Врело на Матка неколкупати досега е истражувана од страна на домашни и странски нуркачки експедиции, од кои е истражен само дел од нејзината внатрешност и не се знае точно до каде се простира и на колку метри е нејзиното дно.

-Со уривање на минатогодишниот и запишување на новиот рекорд во длабочина, покажавме дека пештерата продолжува понатаму и нуди многу можности за понатамошно истражување. Задоволни сме од текот на целата експедиција и горди сме што уште еднаш имавме можност да учествувавме во запишување на нова историја за пештерата Матка Врело", вели Даниел Атанасовски од клубот „Акватек".

Градот Скопје финансиски ги поддржа сите истражувања на подводната пештера Врело сите изминати години и тоа ќе го прави и во иднина. Градот Скопје оваа година го поддржа истражувањето на подводната пештера Врело на Матка, преку здружението Акватек, со 200.000 денари.

- Она што е дополнителен позитивен факт е дека, според укажувањата на Старнавски , на оваа длабочина се појавува повторно отворен простор или галерија, што дава можност и надеж за понатамошно истражување и нуркање во поголеми длабочини. Градот Скопје во континуитет од 2009 година финансиски ги поддржува овие спелео-нуркачки експедиции за истражување на подводната пештера Врело, а тоа ќе го правиме и во иднина. Оваа пештера останува голем предизвик за спелео-нуркачки експедиции, а се надевам дека и наредната година господинот Старнавски повторно ќе нурка и ќе оди на нови рекорди, истакна скопскиот градоначалник, Коце Трајановски.