Нов протест во Кисела Вода: Шилегов и Темелковски да дојдат и да објаснат зошто ни ја затвораат улицата

Жителите на Кисела Вода, кај последната автобуска станица 24, денеска повторно излегоа на протест поради кружниот тек со кој е планирано да се затвори улицата која ги поврзува главната улица Христо Татарчев и булеварот Србија кон Ново Лисиче.

Како што пренесува Макфакс, незадоволството кај овие граѓани повторно се појави утрово откако наидоа на поставени рабници што означува блокирање на улицата, иако градоначалникот Темелковски во предизборната кампања им ветуваше дека кружниот тек ќе биде изграден веднаш по неговото доаѓање на градоначалничката позиција и тоа без блокирање на ниту една улица.

Луѓето кои живеат во овој дел од општината неколкупати излегуваа на протест, но им беше ветено дека нивната улица нема да се блокира. Тие надежта ја видоа во новата локална власт, која ветуваше решавање на овој проблем, но,, по сè изгледа, ветувањата останаа празни и неисполнети, а граѓаните од овој регион искористени за изборни достигнувања.

Жителите ги повикаа градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и градоначаникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, да дојдат на лице место и да објаснат зошто покрај сите ветувања улицата повторно им се затвора.